Утрински Весник
Македонија

Во пресрет на празникот Источен петок Балаклија во Велес прекината вековната традиција на  посета на манастирот „Св.Димитрија“

Во пресрет на празникот Источен петок Балаклија во Велес прекината вековната традиција на  посета на манастирот „Св.Димитрија“

Велес 23 април 2020 (МИА) – Во пресрет на утрешниот празник Источен Петок Балаклија, оваа година вековната традиција на велешани секој прв четврток после Велигден да отидат пеш и да запалат свеќа за здравје во манасторот „Св. Димитрија“ на излезот од Велес е прекината. По одлуката на Општинскиот кризен штаб донесени претпладнето, полицијата постави пункт во месноста Долни Дуќани на излезот од градот и ги враќаше сите граѓани кои  што се упатуваа кон манастирот.
Вечерва првпат во празната манастирска црква свештениците од Повардарската епархија без присуство на православните верници ја  отслужија  свечена вечерна богослужба.
Општинскиот штаб, како што информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски, ја донел ваквата одлука поради состојбата со коронавирусот и опасноста од  можноста за паѓање на парчиња од карпи во месноста Цуцка која веќе втор месец се санира, а се поправа и овој дел на патот и се уште се изведуваат градежните работи, заради што е запрен сообраќајот на излезот од Велес кон Градско.
Коцевски на денешниот ги повика граѓаните поради опасноста да падне парче од карпите кај Цуцка, годинава да се воздржат од посета на манастирот „Св. Димитрија“.
Од службата за информирање на Повардарската епархија информираат дека денеска до 12,30 часот во манастирот „Св Димитрија“ по традиција имало посетеност од граѓаните на Велес, кои примерно и совесно согласно препораките на Владата се движеле во кругот на манастирот и во црквата, без групирања и на меѓусебно растојание, палеле свеќи и без задржување се враќале назад. Оттаму реагираат дека  по издадената наредба од Општинскиот кризен штаб во 12,30 полиција била поставена во месноста Долни Дуќани на излезот од Велес и ги враќала граѓаните.
-Требаше навреме да не известат барем ден – два претходно да преземеме соодветни мерки. Вака и ние и праославните верници бевме доцна известени, а голем број на верници денеска незнаејќи за ваквата одлука веќе тргнале, па беа враќани на пола пат кон манасторот, велат од службата за информирање на Епархијата Повардарска.

Инаку, празникот продолжува да се прославува и утре во 8 часот кога ќе биде одржана Света Архиерејска литургија.

Оваа традиција за празникот Источен Петок Балаклија во манастирот „Св Димитрија“ на два километри од Велес  е повеќевековна. Манастирот кој е стар повеќе десетина векови бил затрупан со доаѓањето на османлиите, а по пет века бил откопан од земјата со поддршка на видните велешани во 30-те години на 19. век, откако претходно на сон му било јавено на воденичарот Петре Здравев.

Оттогаш велешани без прекин секоја година по традиција  на  првиот четврток и петок по Велигден  масовно и пеш го посетуваат манастирот „Св. Димитрија“ и  со палење свеќи за здравје, манастирската слава ја чествуваат како своја градска слава и традиција. ад/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Возилото било кај зградата на Вања три дена пред грабнувањето, вели сведокот на денешното рочиште

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер