Големиот натпис „Добре дојдовте“ сè уште виси пред берлинскиот аеродром Тегел, кој месецов беше затворен засекогаш.
Но, наскоро се очекува илјадници луѓе повторно да минуваат низ неговите врати, откако преуредената зграда на терминалот Ц од средината на декември ќе стане центар за вакцинација против коронавирус.
Германија се надева дека ќе ја зајакне имунизацијата во првиот квартал од 2021 година и веќе ги поставува основите на 60 центри низ целата земја.
Иако министерот за здравство Јенс Шпан инсистира на тоа дека вакцинацијата не треба да биде задолжителна, канцеларката Ангела Меркел во четвртокот пред парламентот изјави дека вакцината за Германија претставува светло на крајот од тунелот.
Германската сојузна влада ќе биде одговорна за набавката и испораката на вакцината, а сојузните покраини ќе обезбедат опрема и ќе изберат места за центрите каде што ќе се врши вакцинацијата.
„Во Тегел ќе вакцинираме помеѓу 3.000 и 4.000 луѓе на ден“, изјави за „Франс прес“, Албрехт Броме, одговорен за формирање на центрите за вакцинација во германската престолнина.
Уште еден поранешен аеродром Темпелхоф, кој во минатото наизменично се користеше како центар за бегалци, велодром и лизгалиште, ќе се претвори во центар за вакцинација.
Во шест центри распоредени во четири главни пунктови, треба да биде можно да се вакцинираат по 20.000 луѓе дневно во градот со 3,8 милиони жители, изјави берлинската министерка за здравство, Дилек Калајчи.
Реализацијата на овој проект ќе биде огромен предизвик, признава министерката, додавајќи дека приоритет ќе имаат здравствено чувствителни групи и оние кои се особено изложени на вирусот, како што се здравствените работници. Центрите ќе бидат отворени секој ден од 9 до 19 часот, вклучително и за време на викендите.