Утрински Весник
Свет

Во Нов Зеланд и Австралија предупредување за цунами по силниот земјотрес во Тихиот океан

Во Нов Зеланд и Австралија предупредување за цунами по силниот земјотрес во Тихиот океан

Властите во Нов Зеланд денеска ги повикаа жителите на северниот брег да се повлечат кон внатрешноста поради опасност од цунами, а Австралија исто така прогласи тревога по земјотресот со јачина од 7,7 степени што потресе области во јужниот дел на Тихиот океан.

„Очекуваме крајбрежјето на Нов Зеланд да биде изложено на невообичаено силни струи и непредвидлив раст на нивото на морето“, соопшти агенцијата за итни случаи.

„Секој што е на отворено море или на крајбрежјето треба да се повлече кон копното и да се оддалечи од плажите, крајбрежните области и пристаништата“, додава агенцијата.

Австралиската агенција за метеорологија објави дека цунами им се заканува на островите и областите долж крајбрежјето.

Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени денеска ги погоди островите Лојауте и Нова Каледонија во Тихиот океан, објави Американскиот геофизички институт (УСГС).

Епицентарот на земјотресот бил на околу 400 километри југоисточно од островите Лојауте и околу 430 километри од Вануату, соопшти УСГС.

Нова Каледонија се наоѓа во југозападниот дел на Тихиот океан, околу 1.500 км источно од Австралија.

Областа околу Нова Каледонија и соседната Вануату е дел од Пацифичкиот огнен прстен, една од сеизмички најактивните зони на планетата.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Еден загинат и 29 повредени во земјотресот во Турција: Срушени се 16 згради, се пребаруваат урнатините

Маж спасен од под урнатините по земјотресот во Турција (ВИДЕО)

Советот за безбедност на ОН: Израелското преземање на Газа би донело катастрофа