Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Јавното претпријатие „Паркинзи“ на Општина Центар од утре поради ситуацијата со коронавирусот привремено ќе ги затвори шалтерите за прием на странки и ги повикува своите корисници во наредните две недели да ги користат услугите на претпријатието по електронски пат на веб платформата www.poc.mk.
– Корисниците ќе можат онлајн да склучуваaт и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронско плаќање за истите, да плаќаат дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, да поднесуваат рекламации и приговори, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и плаќање на истите преку кредитна картичка, трансфер на пари и/или e-вирман, се наведува во соопштението од ПОЦ.
За секоја потребна информација корисниците ќе можат да се обратат во Дирекцијата на ЈП Паркинзи на Општина Центар на телефонскиот број 02/3212-488 или во контакт центарот на 072/ 251-251.
Од ПОЦ апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките и мерките од Министерството за здравство и Владата, а доколку забележат одредени симптоми да се јават на 071/289-614 во Центарот за јавно здравје во Скопје. бак/са/