Утрински Весник
Свет

Во Москва драматична ситуација поради вирусот, работниците мора да се вакцинирaат што побрзо

Во Москва драматична ситуација поради вирусот, работниците мора да се вакцинирaат што побрзо

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, денеска предупреди дека ситуацијата со коронавирусот во руската престолнина е драматична.

Собјанин изјави дека во болниците има повеќе од 12.000 пациенти и дека бројот на новозаболени е на ниво на пиковите од претходните бранови на епидемијата, пренесува РИА Новости.

Во изминатите 24 часа, во Русија биле потврдени 13.397 нови случаи на Ковид-19, со најмногу новозаразени во Москва – 5.782.

Претходно, поради зголемувањето на бројот на случаи на коронавирус, Собјанин прогласи неработни денови во главниот град на Русија од 15 до 19 јуни.

Како што пренесува РТ, Москва во моментот е првиот град во светот со задолжителна вакцинација не само за здравствените работници, туку и за вработените во други индустрии.

Шефицата на московскиот оддел на Руската служба за заштита на јавното здравје и правата на потрошувачите (Роспотребнадзор), Елена Андрејева, им постави на раководните организации задача да вакцинираат 60 проценти од вработените што е можно поскоро.

Таа прецизираше дека вработените треба да ја примат првата доза на вакцината до 15 јули, а втората до 15 август, пренесува РИА Новости.

Ова првенствено се однесува на вработените во услужниот сектор, трговијата, угостителството, транспортот, здравството, домувањето и комуналните услуги, образованието и културата.

Можете да прочитате

Орбан: Зеленски да обезбеди никој да не загине при присилна регрутација

Колумбиските власти уапсија еден од шефовите на италијанската мафија „Ндрангета“ во Латинска Америка

Исклучена струјата и водата во регионот Запорожје кој е окупиран од Русија