Гевгелија, 22 април 2020 (МИА) – Традиционалната културна манифестација во Миравци, позната како „Ѓура Мара“ првпат е одложена поради вонредната состојба што ја наметна кризата од коронавирусот.
Домаќините и организаторите од КУД „Танец“ од Миравци, поради мерките за безбедност на населението, беа принудени на овој потег, но оптимистички најавија дека традицијата нема да биде прекината и дека манифестацијата, доколку биде возможно, би можела да се одржи на 3 јуни, на празникот „Свети Константин и Елена“, кога се слави и панаѓурот во Миравци.
Покрај домакините, на манифестацијата се поканети уште три културно-уметнички друштва од кои две од Србија и едно од Босна и Херцеговина. Приредбата низ оро прикажува настан од турското ропство кога била грабната убавата девојка Мара што ја спасил нејзиниот брат Ѓуро кој при тоа загинал.
Покровители на традиционалната културна манифестација во Миравци се Министертвото за култура и Општина Гевгелија. им/мч/