Вториот најнаселен австралиски град, Мелбурн, од денеска стартува со шестнеделен карантин, по наглиот пораст на нови случаи на коронавирус, додека другите австралиски држави ги зајакнуваат внатрешните граници за да спречат втор бран на целата територија на земјата.
Австралија избегна висока стапка на смртност од која беа погодени други земји, а на глобално ниво починаа 544.055 луѓе, но жариштето во Мелбурн ја принуди сојузната држава Викторија да воведе мерки за изолација во тој град со приближно 5 милиони жители.
Викторија во средата пријави 134 нови случаи на инфекција, што е намалување од претходниот ден, но значително повеќе од бројката на заразени во другите сојузни држави.
Другите држави и територии јавија за по неколку случаи во последните недели и продолжија да ги отвораат своите економии, но премиерот Скот Морисон ги предупреди граѓаните да не бидат премногу опуштени.
„Треба да продолжиме да ги следиме протоколите за физичко растојание ширум Австралија, дури и во државите или териториите каде што нема регистрирани случаи на инфекција“, изјави Морисон пред новинарите во Канбера.
Дел од сојузните држави меѓусебно ги затоврија внатрешните граници. Австралија досега има пријавено за 8.900 случаи на инфекција и 106 смртни случаи од Ковид-19.