Утрински Весник
Македонија

Во март граѓаните потрошиле 10,1 милиони евра за купување онлајн од домашни компании

Во март граѓаните потрошиле 10,1 милиони евра за купување онлајн од домашни компании

Пандемијата со корона вирусот влијаеше на промена на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето, наместо кон странски земји, го пренасочија кон домашни е-продавници, што се потврдува со огромниот раст на трансакциите реализирани кон домашни е-трговци. Како што соопшти Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), повикувајќи се на податоците од НБРМ за безготовински платежни трансакции, влијание кон ова има и затворањето на границите и проблемите со доцнењето со испораките на производи купени од странство, како и стравот од нарачка на производи кои потекнуваат, пред сè, од земји кои беа со голем број заразени лица од вирусот ковид-19.

Во текот на јануари, февруари и март годинава реализирани се вкупно 1.954.957 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.599.274 онлајн трансакции во трите први месеци од лани, што претставува зголемување од 22,2 отсто. Од аспект на вредноста, исто така има раст. Во првите три месеци од 2020 година вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во земјата и во странство изнесува 49,6 милиони евра, што во споредба со истиот период лани, кога биле реализирани 41,8 милиони евра, претставува пораст за 18,7 отсто. Додека само во текот на март се потрошиле 10,1 милиони евра од страна на македонски купувачи кон домашни компании кои продаваат онлајн, за разлика од 5,2 милиони евра во текот на месец март 2019 година, што значи раст од 94,2 отсто.

„Во текот на првите три месеци од 2020 година Македонците со домашни картички кон македонски е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра или 61,5 отсто, во однос на истиот период претходната година. Голем дел од трансакциите кои во претходниот период се одлевале од државата кон странски земји, во текот на првите три месеци, а особено во месец март се пренасочени кон домашни е-продавници“, соопшти АЕТМ.

Дополнително на ваквата состојба влијаеја и ограничувањата на движење кои беа на сила од средината на март, зголемениот број на новоотворени онлајн продавници, а со тоа и поголемата понуда на производи и услуги од страна на домашните компании. Конкретно, 59,4 отсто од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички останале во земјава, додека остатокот биле реализирани кон странство. Според НБРМ, бројот на онлајн трансакции од физички лица во месец март годинава, во корист на виртуелни места на продажба, бележи пораст од 99 отсто, во однос на месец март лани.

Во државава, заклучно со 31 март 2020 година активни се 1.078 витруелни ПОС уреди, а согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), активни се 1.078 продажни места. Станува збор за регистрирани виртуелни продажни места пријавени од петте банки кои во моментов нудат е-трговија. За период од првите три месеци годинава, бројот на онлајн продавници се зголемил за дополнителни 58. Според податоците кои Асоцијацијата за е-трговија ги обезбеди од петте банки, само во март банките имплементирале 42 нови е-продавници, а во месеците јануари и февруари годинава се вклучиле вкупно 16 е-продавници.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Претпладне магливо по одделни котлини, попладне сончево со умерена локална облачност

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија