Утрински Весник
Македонија

Во Македонија деновиве ќе пристигнат околу 190 бегалци од Авганистан, потврди МНР

Во Македонија деновиве ќе пристигнат околу 190 бегалци од Авганистан, потврди МНР

Министерството за надворешни денеска соопшти дека Северна Македонија како членка на НАТО ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати бегалци од Авганистан, лица кои изминативе 20 години работеле на мирот во таа земја и биле локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија.

„Во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан“, посочуваат од ресорното министерство.

Времето на полетување на овие граѓани од Авганистан сѐ уште не може да се потврди имајќи ги предвид сложените услови на аеродромот во Кабул, но може да се очекува дека ќе пристигнат следните денови.

„Хуманитарците, вработените во организациите за човекови права и членовите на нивните семејства планирано е да пристигнат на аеродромот во Скопје после што задолжително ќе бидат упатени на 14-дневен карантин заради превенција од Ковид-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за граѓаните кои нема да бидат вакцинирани“, се наведува во соопштението од МНР.

Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави.

Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации, додаваат од МНР.

 

Можете да прочитате

Во регистарот на ДКСК евидентирани 1.916 службени возила – ќе добијат црвени таблички до септември 2025

Систина му се закани, Кедев одговори: Оваа тужба ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство

Љутков: Објавена е јавната набавка за изградба на Универзална сала