Мексико, Чиле и Костарика вчера почнаа масовни вакцинации против новиот коронавирус со првата доза на вакцини од „Фајзер и Бионтек“, а Аргентина ги вакцинира граѓаните со првата доза од контроверзната руска вакцина „спутник V“.
Медицинскиот персонал, кој е во првите редови во борбата против Ковид-19 во Мексико и Чиле, е меѓу првите што ја примија вакцината. Костарика ја почна својата програма за имунизација, а претседателот Карлос Алварадо го поздрави „она што може да биде почеток на крајот на оваа пандемија“.
Сепак, глобалниот оптимизам се намали бидејќи Кина и Бразил се приклучија на серијата од повеќе од 50 влади што ограничија летови од Велика Британија или патувања со авион во двете насоки кога таму првпат беше потврден многу заразен вид коронавирус.
Илјадници камиони останаа блокирани во главното британско пристаниште, а Франција испрати 10.000 теста за возачите пред да им дозволи да го преминат каналот.
И покрај новиот вид, за кој британскиот премиер Борис Џонсон рече дека се пренесува до 70 проценти побрзгу од првичниот коронавирус, Велика Британија рече дека железничките и поморските врски со Франција ќе останат отворени за време на Божик.
Мексико го следи почетокот на вакцинацијата на населението преку телевизија по примањето на првите 3.000 дози од вакцините на „Фајзер и Бионтех“ од Белгија.
„Тоа е најдобриот подарок што можев да го добијам во 2020 година“, рече 59-годишната мексиканска медицинска сестра, Марија Ајрин Рамирез.
Мексико регистрира повеќе од 120.000 смртни случаи од Ковид-19 и е четврта земја во светот по бројот на смртни случаи по САД, Бразил и Индија.