Куманово, 26 февруари 2020 (МИА) – Македонски и бугарски компании ќе учествуваат на бизнис форумот насловен „Заедно можеме повеќе“што ќе се одржи на 28 февруари годинава, (петок) во салата на Занаетчискиот дом во Куманово, во организација на општина Куманово и здружението за поддршка на мали и средни претпријатија во Бугарија „Обединети бизнис клубови“.
– По двегодишна соработка со општината пред два месеца договорено е преку организирање бугарско –македонски бизнис форум да се подобри соработката меѓу компаниите од двете држави, бидејќи само заедно можеме подолго да опстанеме на меѓународните економски пазари, рече на денешната прес-конференција во Општина Куманово, претседателот на здружението, Веселин Халачев, кој воедно е и член на Бордот на директорите на Европската алијанса на мали и средни бизниси (Брисел).
Компаниите од Бугарија, додава, покажуваат интерес за соработка со компаниите од Куманово, бидејќи е голем град и се наоѓа на одлична местоположба. Во градот, појаснува, одлично функционираат чевларската, столарската и други индустрии.
На форумот претставниците од бизнис заедницата ќе разговараат за меѓусебна соработка, можноста за отварање на фирми, ќе се дискутира за правни и даночни аспекти, за користење на фондови од ЕУ, можности за прекугранични и транснационални проекти и партенерства. ам/цр