Утрински Весник
Македонија

Во Крушево се одржува вториот зимски фестивал „When in Krusevo“ 

Во Крушево се одржува вториот зимски фестивал „When in Krusevo“ 

Крушево, 16 февруари 2020 (МИА) – Околу 300 учесници викендов се дел од второто издание на зимскиот фестивал „When in Krusevo“ (Кога си во Крушево). Планинарски тури за почетници и за професионалци, тандем-параглајдинг, посета на културни знаменитости, вкусување крушевски специјалитети, за првпат јавање коњ, добра денска и вечерна забава, уживање во упавините на Крушево им понуди Фестивалот на учесниците од сите краишта од земјава.

Според Антонио Кузманоски од организацијата на Фестивалот, се воспоставува традиција и се промовираат градот, но и државата.

-Ова е втора организација на зимскиот фестивал „When in Krusevo“ (Кога си во Крушево), инаку вкупно е петти фестивал, заедно со летните изданија. Програмата е збогатена. Освен стандардните планинарски тури и тандем-параглајдинг, имаме и јавање коњи во зимски услови за што има голем интерес. Годинава имаме многу повеќе учесници, околу 250 до 300,  и се надевам ќе премине во традиција како што е летното издание на Фестивалот. Во убавите фестивалски дружења се вклучени и забавите, па и на отворено, како што е на ски-терените на „Станич“. Целта е сѐ повеќе да го промовираме Крушево, да го промовираме овој тип на дружење: рекреацијата во природата, културни прошетки, забави. Треба да научиме повеќе да ја цениме природата. Еве, досега не се случило во февруари да нема снег во Крушево, рече Кузманоски.

Димитар Ангелкоски, дел од организацијата, ги нагласува планинарските тури и јавањето коњи.

-Покрај стандардните активности, имаме и рекреативна тура со 100-ина учесници, од месноста Гумење, потоа кај Македониумот, па Бегова корија и старото одморалиште „Шула Мина“, кај Крушевската Корија до ски-терените „Станич“, а денеска е големата планинарска тура од 10 километри за 20-ина професионалци, и тоа од Гумење до месноста „Мусица“, објаснува Ангелкоски.

Учесниците ги избираат содржините кои им се најпривлечни. Но во секој случај се воодушевени од убавините, битно е, велат што се на чист воздух и признаваат – кога се спомене Крушево, прва асоцијација е Тоше Проески.

-Првпат учествувам на Фестивалот. Моите блиски овде се секоја година па сакав и јас да бидам дел од сето ова, зашто одамна не сум била во Крушево. Многу е убаво, посебно дење, вели Ева Постружан од Скопје.

-Првата асоцијација кога се спомене Крушево, искрено е Тоше Проески, а потоа зимската убавина. Секој ваков фестивал е промоција на градот и на државата, вели Лорета Тодороска. ем/мч/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ ќе го одржи 30-тиот конгрес

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?