Утрински Весник
Македонија

Во Крива Паланка поделени над 360 пакети за ранливи категории лица

Во Крива Паланка поделени над 360 пакети за ранливи категории лица

Крива Паланка, 15 април 2020 (МИА) – Околу 360 пакети со храна и хигиенски средства ќе бидат доставени до социјално ранливи категории лица од општина Крива Паланка. Пакетите ги доставуваат тимови на Црвениот крст и Општинскиот штаб за заштита и спасување од Крива Паланка.

-Пакетите ги доставуваме во рамки на претпразничната акција за поделба на  социјални пакети за корисниците на народната кујна од градот и социјално загрозени семејства од различни категории, евидентирани во системот на Меѓуопштински центар за социјални работи-Крива Паланка. Пакетите покрај прехранбени продукти содржат хигиенски средства за дезинфекција, како и заштитни маски и ракавици, а намирниците се обезбедени со средствата од Општина Крива Паланка и од донации од хумани субјекти. Благодарност до „Универзал-С“, „Парк Гиновци“, „Зегин“, „Орион Комерц“ и поединци кои дадоа свој придонес во овие активности, рече градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Акцијата се организира во пресрет на големиот христијанскиот празник Велигден, во услови на прогласена вонредна состојба и органичено движење за време на продолжениот празничен викенд.

Поделбата на социјалните пакети се врши согласно сите мерки за заштита, почнувајќи од пакувањето, транспортот, па се до доставува до семејствата, по претходно спроведена обука за начинот на делување на терен. Во текот на денешниот и утрешниот ден се планира да бидат опфатени повеќе од 350 семејства, корисници на гарантирана минимална помош, приматели на еднократна парична помош, корисници на услугите на Дневен центар за лица со посебни потреби, лица со посебни потреби, многудетни семејства, семејства под социјален ризик и други категории.

Во акцијата се вклучија голем број волонтери од општината, од здруженија на граѓани, членови на Општинскиот кризен штаб, претставници на Совет на млади, членови на ОО Црвен крст, на политичките партии и поединци.

Сите, по добиените напатствија за безбедност и заштита беа распределени по реони и се упатија кон градските и руралните средини, со цел навремена достава на пакетите до крајниот корисници. ид/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Возилото било кај зградата на Вања три дена пред грабнувањето, вели сведокот на денешното рочиште

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер