Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 84 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 543 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид-центарот на Клиниката за Пластична хирургија.
Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 46 приеми.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 24 примени пациенти и 7 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 6 нови пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 56 оздравени пациенти.
Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 255 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 114 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 133 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 34 пациенти. На ГАК има 7 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.
Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 60 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1289 и има околу 300 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците во другите градови е пријавено дека се лекуваат вкупно 746 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 78 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 30 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болен, а во Куманово 108 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 92 пациент, во Прилеп 117, во ковид центарот во Гостивар 30, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 45 пациент, во Кочани 8 во Кичево 10, Кавадарци 70, а во Гевгелија 17 лица, позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.