Утрински Весник
Свет

Во зимски центар во БиХ уапсен шеф на црногорското подземје

Во зимски центар во БиХ уапсен шеф на црногорското подземје

Полицијата во Босна и Херцеговина уапси тројца членови на организирана криминална група со седиште во Црна Гора, а локалните медиуми денеска објавија дека меѓу уапсените е и еден од водачите на т.н. Шкаљарски клан.

Припадници на основната и специјалната полиција на Република Српска спровеле акција во областа на зимскиот центар Јахорина, а после тоа било потврдено дека три лица се приведени, без да се соопшти нивниот идентитет.

Меѓутоа, „Дневни аваз“ објави дека главна цел на полициската акција бил Милан Кршиќ, кој е познат како еден од водачите на црногорската криминална група. Другите двајца уапсени биле негови телохранители, кои морале да бидат разоружани од полицијата пред да бидат приведени.

Шкаљарскиот и Кавачкиот се двете најдобро организирани криминални групи во Црна Гора, поврзани со широко распространети мрежи во Србија. Своите назви ги добиле според географски одредници на места во околината на Котор, а создадени биле откако во 2014 година, поради внатрешни конфликти, се поделила криминалната организација чие упориште бил тој црногорски град.

Покрај илегалната трговија со кокаин која ја реализираат со години, тие се познати и како криминални групи вклучени во рекет на угостители и претприемачи, особено од Црна Гора.

Медиумите објавија дека досега во војната меѓу двата клана и судирите меѓу нивните припадници биле убиени најмалку триесет лица.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“

Американска база од 1959 година забележана под 30 метри мраз на Гренланд

Истражување: Загадувањето на воздухот од пожари е поврзано со 1,5 милиони смртни случаи годишно