Скопје, 6 мај 2020 (МИА) – Евиденцијата на Агенцијата за вработување покажува дека на крајот на април годинава бројот на невработени лица во земјава изнесува 114.762 што е за 7.030 лица повеќе во однос на крајот на март, а во овој месец, кога почна кризата од коронавирусот бројот на невработени се зголемил за 1.916 лица во однос на претходниот месец. Во периодот, откако почнаа да се применуваат мерки за заштита од ширење на коронавирусот, од 11 март до 30 април, како што наведуваат во соопштение во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, по основ на прилив од работен однос, се евидентирани 8.160 невработени лица.
Од Агецијата појаснуваат дека од вкупниот прилив на невработени лица од работен однос, според основот на престанок, 4.279 лица (52,4%) се поради истек на определено време, 1.987 лица (24,4%) се поради спогодбен престанок на работен однос, 853 лица (10,5%) се поради отказ од работодавач, 597 лица (7,3%) се поради отказ од страна на работникот, 199 лица (2,4%) се поради отказ од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени), 68 лица (0,8%) се поради стечај – ликвидација, 37 лица (0,5%) се поради престанок на дејноста на работодавачот, а останатите 140 лица (1,7%) се поради други основи на престанок.
Најголем дел од приливот на невработени лица од работен однос се од преработувачката индустрија 2.804 лица или 34,4 отсто, од дејноста трговија на големо и трговија на мало 1.705 лица или 20,9 отсто, како и од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна 1.243 лица или 15,2отсто.
Податоците објавени денеска од страна на Агенцијата покажуваат дека во првиот месец од годинава бројот на невработени бил 104.409, па во февруари таа бројка се зголемила на 105.816, во март на 107 732 и на крајот на април достигнала 114.762 невработени лица.
Во април во Агенцијата за вработување 8.852 лица се стекнале со статус невработено лице, а 1.459 лица засновале работен однос. Претходниот месец март статус невработено лице добиле 4.399, а се вработиле 1.474, во февруари бројките покажуваат дека со статус невработено лице се стекнале 6.677 лица, а се вработиле 2.786 и во јануари невработено лице статус стекнале 7.653, а засновале работен однос 1.918 лица.
Најголем дел од невработените евидентирани во април 20.916 се во Скопје, 13.660 се во Тетово, 12.908 во Куманово, 7.454 во Прилеп, 7.449 во Гостивар, 5.533 во Битола, 4.746 Струмица 4.227 Велес, 3.331 Струга, 3.208 Охрид, 3.017 Кичево, 2.895 Штип, 2.793 Кочани, 2.569 Крива Паланка, 2.199 Радовиш, 2.143 Дебар, 1.534 Кавадарци, 1.457 Ресен, 1.400 во Берово, 1.340 Гевгелија, 1.321 Македонски Брод,1.299 Неготино, 1.284 Делчево, 1.226 Свети Николе, 1.046 Побиштип, 1.024 Крушево, 801 Демир Хисар, 695 Виница, 649 Валандово и 638 во Кратово.
Од вкупниот број невработени 56.160 се жени, а според возраста најмногу невработени има меѓу оние од 55 до 59 години,14947 се невработени лица со над 60 години, 2.555 лица се на возраст меѓу 15 и 19 години, 10.155 од 20 до 24 години, 11.269 од 25 до 29 години, 10.781 од 30 до 34 години, 10.299 од 35 до 39 години, 11.501 од 40 до 44 години, 12078од 45 до 49 години и 13.417 невработени лица се на возраст меѓу 50 и 54 години.
Од невработени 60.306 се без образование и со основно образование, непотполно средно образовние имаат 12.991 лице, со завршено средно образование се 25589, со вишо образование 1.288, со високо 9.830, има 736 магистри и 22-ца доктори на науки.
Осум години и повеќе работа чекаат регистрирани во Агенцијата за вработување 6492 лица, од пет до седум години 14.987 лица, четири години 4.480, три години 5184, две години 11.055, од 18 до 23 месеци вработување чекаат 4.745, од 12 до 17 месеци 20.002 лица, од шест до 11 месеци 15.975 лица, од еден до пет месеци 22.917 и под еден месец 8.925 лица.
Во периодот од 11.03 до 30.04.2020 година во Агенцијата за вработување се поднесени приближно 3.900 барања за остварување право на паричен надоместок во случај на невработеност. Од нив, како што наведуваат оттаму, досега позитивно се решени 1.800 барања, 100 барања се одбиени поради неисполнување на условите за остварување на ова право, а во тек е обработка на останатите барања.скс/дма/