Првиот од петте брзи возови „Бела стрела“ (Freccia Bianca) пристигна во Солун од Италија, јавува грчкиот весник „Катимерини“. Станува збор за генерација на брзи возови на Италијанските државни железници произведена од француската компанија „Алстом“, кои развиваат брзина до 200 километри на час и кои ќе служат за побрз превоз на патници меѓу Солун и Атина.
Во наредниот период, брзите возови „Бела стрела“ ќе се тестираат на брзата пруга Солун-Атина, која беше пуштена во функција во февруари 2019 година. „Бела стрела“ ќе има капацитет да прими над 475 патници, има девет патнички вагони, од кои еден вагон ресторан. Со него меѓу двата грчки града ќе може да се патува за 3 часа и 15 минути наспроти постојните 4 часа што се неопходни за да се помине растојанието со постојните возови.
Во наредните два месеца, вработените од грчкиот железнички оператор „ОСЕ“ ќе се обучуваат за управување со брзиот воз, а официјалното пуштање во употреба на „Бела стрела“ е предвидено за 25 март 2021 година. До претстојнава есен, сите брзи возови ќе бидат пристигнати во Грција. Висината на инвестицијата во петте брзи возови изнесува 52 милиони евра.
Со фондовите од ЕУ, Грција во изминативе години успеа во целост да ја изгради брзата пруга меѓу Солун и Атина со проектирана брзина од 250 километри на час, но и да ја реконструира и надогради пругата од Солун до македонско-грчката граница со максимална брзина на движење на возовите од 120 до 160 километри на час. Во меѓувреме, грчката државна железница „ОСЕ“ пред неколку години беше приватизирана и купена од Италијанските државни железници.
За разлика од нашиот јужен сосед, во Македонија максималната брзина на движење на возовите изнесува 100 километри на час, под услов да нема ограничувања на брзината на движење поради застарената инфраструктура. Од неодамна набавените шест кинески возови, во земјава во моментов се исправни и сообраќаат само два, додека од четирите нови кинески локомотиви што пристигнаа лани денеска сообраќаат три.