Велес, 4 април 2020 (МИА) – Во Градско веќе еден месец се изведуваат градежните работи на проектот за изградба на Откупен центар за земјоделски производи со средства во висина од 5.840.000 денари обезбедени од Министерството за локална самуоправа преку Биро за регионален развој и Вардарски плански регион. Изведувач на градежните работи е „Изгрев инжинеринг” Велес.
Како што информира за МИА градоначалникот Роберт Бешовски, во откупниот центар за земјоделски производи земјоделците од Општина Градско и поширокиот регион ќе може да ги продаваат на големо своите разновидни земјоделски производи. За таа намена ќе биде асфалтирана и оградена површина од 2.200 квадратни метри, која ќе има и осветлување. Со него ќе стопанисува ЈКП „Клепа“ од Градско.