Светскиот ден на одржување хигиена на рацете – 15 октомври, годинава се одбележува под мотото „Хигиена на рацете за сите“, со цел подигнување на свесноста и разбирањето за важноста од редовно и темелно миење на рацете со сапун и вода, како најлесен и најдобар начин за превенција од болести и спречување на ширење на инфекции.
„Овој ден е посебно значаен во време кога светот се соочува со пандемија и преку него се акцентира хигиената на рацете како една од основните превентивни мерки за заштита од вирусот“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Во него се објаснува дека респираторните вируси како Ковид-19 се шират преку слуз или капки што го содржат вирусот, а во организмот навлегуваат преку очи, нос или грло. Ова многу често се случува преку претходен контакт со рацете.
„Во контекст на превенција од Ковид-19, рацете задолжително треба да се мијат често, а особено по секнење на носот, кашлање или кивање, по посета на јавен простор, присуство во јавен превоз, по посета на пазари и верски објекти, по допирање површини надвор од дома, вклучувајќи и пари, пред, по и за време на грижа за болно лице, пред и по јадење, по употреба на тоалет, ракување со отпад, допирање животни и домашни миленици, менување пелени или помош на деца при одење во тоалет…“, се објаснува во пораката.
Светската здравствена организација посочува дека честата и темелна хигиена на рацете е една од најефективните мерки за превенција од дијареја, од воспаленија на белите дробови, но и низа други инфекции кои можат да имаат и фатални последици.