Виница, 4 март 2019 (МИА) – Локалната самоуправа на Виница и општинската Организација на резервните воени старешини денеска беа организатори комеморативната свеченост по повод 19-годишнината од загинувањето на капетанот на АРМ, Кирчо Димитриов кој беше првата жртва на македонските одбранбени сили во конфликтот од 2001 година.
Пред споменикот на Димитриов во дворот на општинската зграда се одржа панихида, ученици од ОУ „Гоце Делчев“ изведоа поетско-музичка програма, по што членовите на неговото семејство и присутните граѓани положија свежо цвеќе и им оддадоа почит на сите 78 загинати македонски бранители.
– Капетанот Димитриов заедно со останатите припадници на безбедносните сили ги напишаа почетоците на новата македонска историја која сè уште се пишува. Се надеваме дека со нашиот влез во НАТО алијансата ќе бидеме држава чиј интегритет и меѓународен суверинитет ќе бидат загарантирани. Како општина, имаме должност и обврска да не ја поттурнуваме историјата настрана, туку сите настани од минатото континуирано да ги поддржуваме и да го потенцираме нивниот удел во придобивките кои ги стекнуваат нашите нови генерации, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Капетанот Кирчо Димитриов, заедно со водникот Дејан Јакимовски од Куманово загинаа од нагазна мина при извршување воена задача кај селото Танушевци на Скопска Црна Гора. На оваа локација истиот ден од снајперски оган почина и војникот Теодор Стојановски од скопско Драчево. та/сст/