Во текот на вчерашниот ден од страна на велешката полиција извршен бил претрес во домот 35-годишниот А.М. за кој постои сомнение дека извршил кривично дело поткуп при избори и гласање.
Како што информира на „Фејсбук“ техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, кај 35-годишникот пронајдени и одземени биле еден мобилен телефон и повеќе листови на кои рачно имало напишано список од околу 250 лица со лични податоци и матични броеви.
„На информативен разговор во просториите на СВР Велес од страна на лицето било посочено дека тој ги направил списоците по претходна насока од друго лице, блиско до локалното раководство на владејачка партија во Велес. На списоците имало име и презиме и матичен број од лица од ромска националност кои би гласале за политичката партија, а за возврат би добиле финансиски средства“, посочува Чулев кој во објавата додава дека ваквите насоки на лицето му биле дадени пред околу една недела, а за реализација на истите му била ветена материјална корист.
Од страна на СВР Велес во координација со ОЈО Велес се преземаат дополнителни мерки и активности во насока на целосно расчистување и документирање на настанот, како и утврдување на евентуалната вмешаност на други лица, по што ќе следи соодветна кривична пријава.