Општинскиот кризен штаб одржа состанок во Општина Битола, на кој покрај градоначалничката Наташа Петровска, присуствуваа директорките на медицинските установи и претставници од полицијата.
Центарот за јавно здравје информираше дека во изминатите три недели, на неделно ниво се покачува бројот на заболени во градот за околу 50%. Во моментов во Битола има 151 активен случај. Од оваа институција посочија дека сепак Битола не е во листата на градови со голем број заболени лица.
„За тоа своја улога има и лабораторијата за Ковид-19, во која се реализираат тестирања на дневна основа, резултатите се добиваат истиот ден и на тој начин може побргу да се реагира. Како најголем проблем е посочено криењето на контактите за воспоставување целосна епидемиолошка слика на заболените лица“, соопштија од Општината.
Од битолската полиција истакнаа дека се врши увид кај лицата со решенија за изолација, а на терен се изрекуваат санкции за лицата кои не носат маски, или за субјектите кои не ги почитуваат препораките и законските мерки за заштита од Ковид-19.
Општинскиот кризен штаб и од оваа средба упатува апел до граѓаните за примена на трите најважни правила – носење маска, држење дистанца и редовно миење на рацете, почитување на мерките зададени од Владата, како и повисоко ниво на свест за опасноста од ширење на вирусот.