Утрински Весник
Свет

Во Берлин расте напнатоста меѓу велосипедистите и другите учесници во сообраќајот

Во Берлин расте напнатоста меѓу велосипедистите и другите учесници во сообраќајот

Утрински метеж на берлинската Фридрихштрасе и река велосипедисти кои брзаат кон своите дестинации.

„Тргни се од патот“, извикува еден од нив откако непрописно се качил на тротоарот каде пред него излегол беспомошен пешак.

Бернд Лехнер, 40-годишен службеник, успеал навремено да се тргне пред налетот на велосипедистот во полна брзина, но веќе му здодеало од агресивното однесување на велосипедистите во германската престолнина.

„Станува сè полошо и полошо. Велосипедистите почнуваат да ме загрижуваат повеќе од автомобилите“, вели тој.

Берлин е град познат како пријателски за велосипедистите, но нивниот брз подем за време на пандемијата започнал да предизвикува тензии на улиците.

Велосипедизмот е корисна активност за квалитетот на воздухот и јавното здравје, но во исто време полицијата бележи нагло зголемување на бројот на прекршоци извршени од велосипедисти и сè поголем број на поплаки од пешаци за нивното однесување.

Шефицата на берлинската полиција, Барбара Словик дури предложила задолжителна регистрација на велосипедисти, што ќе им олесни на властите да ги идентификуваат прекршителите.

„Во повеќе од 50 проценти од сообраќајните несреќи во кои се вклучени велосипедисти, се виновни самите тие“, вели таа.

Некои плаќаат и со своите животи, 17 велосипедисти загинале во берлинскиот сообраќај минатата година. Во 2019 година, имало шест жртви.

Берлин има три милиони велосипеди во споредба со 1,1 милион регистрирани автомобили, посочува Ранхилд Соренсен од невладината „Changing Cities“.

Изјавите на шефицата на полицијата, сепак, предизвикаа дебата за однесувањето на велосипедистите во градот.

„Тие нè туркаат, нè навредуваат. Многумина мислат дека се подобри луѓе само затоа што возат велосипед. Таа анархија мора да запре“, пишуваше неодамна во дневниот весник „Тагесшпигел“.

Во меѓувреме, Соренсен тврди дека критичарите се обидуваат да ги понижат велосипедистите за да го свртат вниманието од доцнењето во изготвувањето на новата стратегија за транспорт.

„Велосипедистите во Берлин сочинуваат 18 проценти од учесниците во сообраќајот и имаат на располагање само три проценти од јавниот простор“, вели Аника Менкен од здружението Verkehrsclub Deutschland (VCD).

„Агресијата се случува кога просторот е претесен, што природно доведува до дополнителна напнатост“, вели таа.

За споредба, автомобилите сочинуваат 33 проценти од уделот во градскиот сообраќајот, но зафаќаат 58 проценти од просторот.

Од берлинската полиција, пак, реагираат дека едноставно е невозможно велосипедски патеки да се направат насекаде.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Борел: Не можеме да го поткопуваме Меѓународниот кривичен суд

Русија врати седум украински деца со посредство на Катар

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“