Британската војвотка Меган создаде анимирана семејна серија за стриминг-платформата „Нетфликс Инк“ и воедно е извршен продуцент, соопшти нејзината продукциска куќа во средата.
Продукциската куќа „Арчивел“ (Archewell Productions), компанијата што ја основаа Меган и нејзиниот сопруг, принцот Хари, во соопштението наведува дека серијата ќе се фокусаира на авантурите на 12-годишно девојче кое е инспирирано од различни влијателни жени од историјата.
Серијата под наслов Pearl („Бисер“) е една од првите што ја најавија „Нетфликс“ и британската двојка, формално позната како војводата и војвотката од Сасекс. Тие склучија договор минатата година откако се откажаа од кралските должности и се преселија во Калифорнија.
„Како и многу девојки на нејзина возраст, нашата хероина Перл е на пат на самооткривање додека се обидува да ги надмине секојдневните животни предизвици“, наведува Меган во соопштението за медиуми.
„Воодушевена сум што продукциската куќа Арчивел, во соработка со моќната платформа Нетфликс и овие неверојатни продуценти, заедно ќе ви ја донесат оваа нова анимирана серија, која слави извонредни жени низ историјата.“
Меган ќе ја продуцира серијата заедно со Дејвид Фурниш, сопругот на британскиот музичар Елтон Џон, се вели во соопштението.
Елтон Џон е близок пријател на Хари и Меган и настапи на нивниот свадбен прием во 2018 година.