Куманово, 21 март 2020 (МИА) – Четири милиони денари од тековна резерва ќе бидат пренаменти за набавка на дезинфекциски средства, возило, друга опрема која ќе се користи за дезинфекција на Куманово, одлучија денеска советниците на вонредната седница на Советот на општината.
– Со 1,2 милиони денари ќе се набави специјално возило за распрскување, 60 механички пумпи за распрскување за што ќе се одвојат 100.000 денари, 30 моторни пумпи за кои ќе се одвојат 300.000 денари. 100.000 денари ќе се одвојат за набавка на 200 литри моторно масло, а ќе се набави и средство за деизнфекција (хиперхлорид) со 300.000 денари, заштитини макси, ракавици по 300.000 денари , средства за деизнфекција на раце, обувки облека од 200.000 и 1,2 милиони денари за дополнителни набавки, истакна на седница градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Советниците едногласно ја донесоа олуката за пренамена на средства и набавка на вакви материјали.
– До овој момент немаме се уште детектирано случај на заразени лице. Но, се работи за пандемија и верувам дека ќе изнајдеме сили и средства да се избориме. Затоа и побарав од Советот да ја искористиме резервата од годишниот буџет за кризни, вонредни состојби за да можеме превентивно да делуваме, рече градоначалникот .
Тој потсети дека е извршена дезинфекција на повеќе локации, користени се средства набавени претходно како и со донација на приватни субјекти и изрази благодарност до сите инволвирани претпријатија, здравствени работници и други субјекти. Димитриевски информираше дека пред неполн час се одржаала и седница на општинскиот кризен штаб и овој пат нагласок е ставен да се почитуваат мерките на Владата.
– Посебно младите и пензионерите да избегнуваат групирања по плоштади, по викендици. Иако, во Куманово не е детектиран случај, никој со сигурност не може да каже дека не е присутен. Сите да останеме дома, повика Димитриевски.
Тој рече дека општинскиот штаб ќе и предложи на Владата да воведе полициски час во Куманово од 20 до 05 часот, да се засили обезбедување и присуство на МВР кај фабриката за вода, да се достават 100 монтажни кревети и паравани за адаптација на простор за карантин.
– Тоа не значи дека во моментов имаме таква потреба, но мора да бидеме подготвени за да се соочиме со овој проблем, вели Димитреивски.
Општинскиот кризен штаб бара од Главниот штаб на ЦУК и Владата на Република Северна Македонија да ја зголемат контролата на лицата бегалци на територијата на Општина Куманово и да се контролира бројот на бегалци, кои се наоѓаат на Табановце, да се води сметка за 72-часовен престој во кампот за бегалци во село Табановце, за да не се загрози безбедноста на месното население. Од СВР Куманово бара да ги детектира граѓаните кои се здружуваат, општината да продолжи со дистрибуција на храна и хигиена за најранливите, детските игралишта да се оградата со лента, непрописно паркираните возила да се отсранат.
Воедно, на оваа седница Димитриевски информираше дека на Владата ќе и бидат предложени три објекти кои би можеле да послужат како карантин: Ученичкиот дом кој е дезинфициран, запечатен, салата на Занаетчискиот дом и на Спортската, сала каде би можеле да се сместат мобилните легла и паравани.
Димитриевски информраше дека разговарале со приватен субјект за производство на маски, доколку се обезбеди материјал, најави дека локалниот економски социјален совет ја скенира состојбата со стопанството во Куманово и дека ќе има информација за една недела. На седницата кумановскиот градоначалник изнесе податок дека на подрачјето на Куманово има околу 270 лица во самоизолација.
Советниците упатија пораки до граѓаните да не излегуваат надвор, да се заштитат себе си и локалната заедница.