Утрински Весник
Македонија

Волонтери на американскиот мировен корпус ќе помагаат во училишта во рурални и урбани средини

Волонтери на американскиот мировен корпус ќе помагаат во училишта во рурални и урбани средини

Американскиот мировен корпус продолжува да ги поддржува заложбите на Владата и да дава свој придонес кон развојот на општеството и сите негови сегменти, а особено преку поддршка на политиките за унапредување на квалитетот на воспитно – образовниот процес во училиштата, со акцент на инклузивното образование и изучувањето на англискиот јазик, истакнуваат од Министерството за образование и наука.

Од таму информираат дека денеска беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Мировниот Корпус во Република Северна Македонија, од страна на министерката Мила Царовска и директорката на американската организација Дебора Конер.

„Со потпишување на меморандумот за соработка ја продолжуваме и зајакнуваме одличната соработка со оваа организација во делот на настава по англиски јазик и за поддршка на инклузивното образование. Досега над 800 волонтери имаат служено во училиштата, општините, граѓанските организации, социјални установи, со цел да одговорат и да помогнат во задоволување на различните потреби на заедниците ширум земјата. Голема е честа да се соработува со Американскиот мировен корпус, а искуството е од непроценливо значење за нас како земја во развој“, рече Царовска.

Министерката додаде дека активностите на Мировниот корпус ќе помогнат во исполнувањето на активностите од Стратегијата за образование 2018-2025, но и на спроведувањето на низа други стратешки документи од оваа област.

Согласно потпишаниот меморандум за соработка, предвидено е волонтерите на Мировниот корпус да бидат ангажирани во училишта во рурални и урбани средини, како поддршка на наставниот кадар при предавањето на англискиот јазик, но и во подучувањето на учениците за важноста на процесот на инклузија.

Мировниот Корпус е американска невладина организација посветена на светскиот мир и дружење. Организацијата работи преку волонтери кои две години живеат и работат во локалните заедници. Основана е во 1961 година од страна на претседателот Џон Ф. Кенеди. Повеќе од 7.000 граѓани волонтери на САД во изминатите 2 децении ги спроведуваа принципите на Мировниот корпус во Република Северна Македонија и даваа придонес во напорите за подобрување на состојбите во образованието, во развојот на дијалогот меѓу заедниците и промоцијата на државата.

Можете да прочитате

Лишен од слобода “бајач” од скопско, измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Бошњаковски ја разгоре искрата на Ѓорѓија Пулески, 150 години после „Речникот на три јазика

Мотоциклист без дозвола усмрти човек на Кеј, судот го пушти дома