Штип, 20 јуни 2020 (МИА) – Дванаест волонтери на штипскиот Црвен Крст се постојано на терен за време на епидемијата на Ковид-19 и досега од нив помош побарале 307 граѓани за пазарување на намирници, но и за плаќање на сметки и рати за кредити.
Штипјанката Маре Кузева е една од најискусните волонтерки, но е една од најхрабрите, кои со скафандер и полна заштитна опрема им доставува и намирници и пакети на лицата кои се во изолација и ги чекаат реузлтатите од тестовите за Ковид-19.
Таа е секој ден на терен и со нејзиниот колега со теренско возило ги доставуваат пакетите до најранливите категории, слепите, инвалидизирани и стари и изнемоштени лица.
Предизвикот да се биде хуман во ова време на пандемија го прифатил и 24-годишниот Стефан Ѓеорѓиев, дипломиран електро инженер. Тој почнал да волонтира пред пет месеци, а по неговите стапки тргнал и помалиот брат. Стефан оди и на работа, но вели дека веднаш по работните обврски доаѓа во Црвениот Крст, за да помогне на останатите негови колеги и колешки.
– Сите ние имаме обврска да помогнеме на некој начин, за да имаме подобро место за живеење. Сметам дека имам некоја лична одговорност, како единка и припадник на нашето општество и давам се од себе за да можам да помогнам на оние коишто им треба помош, вели Ѓеорѓиев.
Семејства од социјален ризик, слепи, инвалидзирани и стари и изнемоштени лица се зависни од помошта на овие волонтери на штипскиот Црвен Крст. Стоте членови на Здружението на слепи лица од Штип, Пробиштип и Радовиш се благодарни на помошта која ја добиваат. Пандемијата дополнително ги изолираше овие луѓе.
Претседателот на Здружението на слепи лица-Штип, Драги Витанов вели дека на почетокот на пандемијата кога побарале помош од Црвениот Крст и Општина Штип веднаш ја добиле, а секое слепо лице го знае и бројот на кол центарот, на кој се јавуваат за било каква помош.
– Благодарни сме на соработката со Црвениот Крст. За среќа немаме ниту едно заразено слепо лице со коронавирусот, да се надеваме дека така и ќе остане. Добро се заштитуваме, помага и тоа што не излегуваме од дома и фактички ние сме сами ставени во самоизолација и еве на некој начин сме на безбедно, вели Витанов.
Секретарот на Црвениот Крст, Викторија Милановска вели дека нивните волонтери се претежно млади луѓе, но има и повозрасни. Внимаваат многу на терен поради корона вирусот да не бидат во ризичните групи.
Волонтерите помагаат во распределбата на оноколшката терапија, а имаат и тим кој доставува намирници за болните од Ковид 19, а истовремено ги извршуваат и секојдневнот носење на пакетите за социјално ранливите семејства. Тимовите се поделени за да се заштити здравјето на граѓаните, а освен постојната воведуваат и нова телефонска линија за психосоцијална подршка.
– Можам да кажам дека со ваквиот принцип на работа, којшто е малку обемен од процедурален аспект, многу се зацврсти довербата меѓу оваа институција, којашто можеме да кажеме дека моментално на локално ниво се реформира во од. Затоа што самите услови го налагаат тоа. Во една ваква вонредна состојба нашите волонтери се на терен во последните две недели по шест дена во неделата, а беа и по седум дена. Затоа што имавме дежурни тимови, особено за време на полициските часови, вели Милановска.
Таа исткана дека воведена е и телефонска линија за психолошка поддршка, а на телефонот се јавуваат голем број на граѓани.
– Јавувања има, а се почесто се јавуваат и млади луѓе, кои потешко можат да се носат со она што ние го викаме новото нормално, додава Милановска.
Покрај тоа што се грижат и даваат помош на граѓаните, Црвениот Крст се грижи и за безбедноста и здравјето на своите волонтери. На терен се оди по утврдени протоколи, со цел заштита на волонтерите. вдј/сп/