Македонска Каменица, 22 март 2020 (МИА) – Општина Македонска Каменица воведе скратено работно време за време на ново настанатата криза наметната од ширењето на вирусор КОВИД-19. Согласно заклучоците донесени на 23-та седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 19 март, а поради спречување на опасноста од ширење и зараза со Ковид – 10 вирусот, Општина Македонска Каменица, како што информираат надлежните, ќе работи со скратено работно време во периодот од 08:00 до 12:00 часот секој работен ден.
– Претходно донесената забрана за влез на странки продолжува да важи. Поради тоа ги известуваме странките кои имаат потреба и соработка со ЕЛС Македонска Каменица, преку електронски пат да ни се обратат во наведениот период од денот, информираат надлежните.
Во меѓувреме, Јавното претпријатие „Камена Река” продолжува со дезинфекција на улиците во градот и селските средини.
– Во согласност со мерките и препораките усвоени на 23 Седница на Влада на Република Северна Македонија и заклучоците на состанокот на Кризниот штаб на општина Македонска Каменица поради коронавирусот, ЈП „Камена Река“ како претпријатие задолжено за јавна чистота, во овие вонредни услови спроведуваме чести акции за дезинфекција на сите градски и приградски улици, јавни површини, забавни паркови, шетачки патеки и урбана опрема, информираат од претпријатието.
За подобра ефикасност во справувањето со коронавирусот, Кризниот штаб на Општина Македонска Каменица на станарите од колективните живеалишта им наложува секојдневно да ги чистат заедничките простории со средство кое можат бесплатно да го добијат од Јавното претпријатие. Истото се однесува и за граѓаните кои живеат во индивидуални живеалишта кои со средства за дезинфекција можат да се снабдат во просториите на претпријатието секој работен ден од 07 до 15 часот. вс/фф/