Министерот за здравство, Венко Филипче да обезбеди пензиско и здравствено осугурување за младите специјализанти и да им ги покачи платите за 100 проценти, порача Марија Пејовска од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата укажува и на неопходноста за соодветно домување за сите кои немаат каде да престојуваат, а се распоредени во Ковид центри надвор од нивното место на живеење.
Пејовска рече дека барањата на приватните специјализанти се уште не се исполнети дури и после месец и половина од нивната средба со министерот за здравство.
„Во време на пандемија додека сите држави низ Европа го наградуваат медицинскиот кадар со зголемување на платите од 100%, ние говориме за елементарни услови за работа и остварување на законски или човекови права“, вели Пејовска.
Барањата на специјализантите вклучуваат најпрво да се платат 24 часовни дежурства, а потоа и здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како здравствено, така и пензиско осигурување, субвенции за домување на специјализанти, како и израмнување на коефициентот специјалисти/супспецијалисти во интернистичките и хируршки гранки. Овие барања, како што посочи Пејовска, биле доставени до министерот на 29 септември 2020 година и нивното исполнување било ветено од страна на министерот.