Со хартиени фенери пуштени кон небото, опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва оддаде почит на починатите од Ковид-19 во земјата.
На настанот се обрати, Рашела Мизрахи која побара оставка од министерот за здравство, Венко Филипче.
„Овој настан е во знак на почит од жртвите од Ковид. Луѓето кои ги загубивме, а можеше да се направи многу повеќе. Тие не се тука поради неспособната влада и Венко Филипче кој мора да си даде оставка. Неговата оставка не е прашање на политички чин туку прашање на нужност. Прашање на живот“, рече Мизрахи.
Таа вели дека секојдневно се држат пресконференции на броеви, но короната не е статистика.
„Ова се луѓе, со име и презиме. Нечии мајки,татковци, сестри, браќа, нечии деца. Владата како да потпишала капитулација и по ова прашање, а здравствениот систем е во колапс. Филипче освен празни зборови нема конкретни решенија. А оваа битка не се добива со прес конференции, туку со мерки, протоколи и мобилизација на сиот квалитетен кадар. И додека се продава скап ПР со единствена цел ” да се избега од одговорност” во стил на ова владеење, јасно е господине премиер, и вие господине Министер за Здравство, одговорноста е целосно ваша“, рече Мизграхи.
Опозицијата смета дека трагедијата ќе била многу помала ако способно се менаџирала целата криза.