Отворено со граѓаните – создаваме нова иднина е проект со кој граѓаните ќе можат да пријават злоупотреба на нивното право, поплака или проблем во општините каде ВМРО-ДПМНЕ има градоначалник, информираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму дообјаснуваат дека ќе биде формиран посебен тим од професионалци од партијата, но и од експерти кои не се дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, а кои ќе бидат дел од тоа тело до кое граѓаните ќе можат да ги испраќаат своите поплаки и проблеми, злоупотребите кои би биле направени, да посочат на неправилности, но и да дадат пофалба каде што треба.
Преку овој проект, велат од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ќе можат да даваат оценка за реализација на програмата која што им била ветена од страна на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните очекуваат реализација на ветеното. Овој проект ќе биде пресликан и на централно ниво по преземање на централната власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, се нагласува во партиското соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ, како што истакнуваат, силно ќе се бори против секоја злоупотреба на граѓаните, владеењето на правото и реализација на проектите.