Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог закон за укинување на пописот

ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог закон за укинување на пописот

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска на денешната прес-конференција ја обвини власта дека подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис. Таа нагласи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднела предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка.

„ Сите факти и аргументи, ни говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис. Од тие причини, како Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно кажуваме дека нема да бидеме нем набљудувач на овој крајно несериозен политички процес и затоа денес во Собранието на Република Македонија поднесовме Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка.

На ова самоволие мора да му застанеме на патот и да не дозволиме криминален и насилнички попис. Оваа лакрдија што ни се случува во врска со пописот, ја најавувавме и предвидовме уште од самиот почеток. Но самобендисаната власт на чело со Зоран Заев, воопшто не сакаше да разговара и дебатира на оваа тема. Од редовна и статистичка операција, неспособноста на Зоран Заев и владата овој попис го претвори во политичка операција и пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови“ изјави Василевска.

Таа рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште од самиот старт укажувала на многубројните недостатоци и аномалии на Законот за попис, поради што сега поднесуваат околу триесетина суштински амандмани, кои, како што рече, имаа за цел да го подобрат текстот на законот, но власта предводена од Зоран Заев не прифатила ниту еден амандман.

„ Нашите издржани забелешки и секојдневни укажувања за недостатоците и аномалиите на овој закон беа и се уште се, и тоа:

· злоупотреба на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата,

· недостиг на консензус од сите политички партии,

· проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот,

· нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората, и

· погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради КОВИД кризата го одложија пописот за една година.

Но и покрај овие издржани аргументи, власта и Зоран Заев никако не отстапуваат од политичкиот договор и намерата по секоја цена да се одржи пописот. Нашата легитимна борба против одржување на ваков сомнителен и фингиран попис, го препознаа и огромен број на граѓани. За само неколку дена над 100 илјади граѓани, со име и презиме, јасно и гласно го кажаа своето мислење и недоверба и рекоа големо „НЕ“ за ваков попис“ додаде таа.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ исто така бараат закажување на итна и неодложна седница на Собранието на која што ќе се изгласа овој Предлог на закон и ќе се стопира овој политички попис. За таа цел, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој Предлог закон.

Василевска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се против попис на населението, бидејќи, како што рече таква статистичка операција е многу важна и неопходна за Република Македонија, но сакаат да упатат силна порака дека се и ќе бидат против фингиран и наместен попис.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор