Европската перспектива на Македонија е во ќор-сокак поради аматеризмот на дипломатијата на СДСМ. Впрочем, тоа им го кажа и нивниот поранешен лидер Црвенковски, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Поради кариеристичките амбиции на Зоран Заев, менторот на Димитар Ковачевски, беше потпишан договор, кој даде рамка на негаторските барања од одредени кругови во Софија, кои сега се пречка на македонскиот пат кон ЕУ.
Ковачевски треба да престане да се прави паднат од Марс. Одговорноста за ветото од Бугарија ја носи СДСМ. Патем, и тој како и неговиот претходник ги лаже граѓаните сите овие години.
Токму Владата на Ковачевски и СДСМ е втемелена на вакви манипулации на крајот на минатата година и почетокот на оваа кога самокиднапиран човек уверуваше дека само што не сме почнале со преговорите, па имаше шпекулации со датуми, како декември, јануари, март, април итн.
Македонија заслужи почеток на преговорите многу одамна, но СДСМ на Ковачевски постави пречка.
Нека не помислува Ковачевски да прави компромиси, кои задираат во македонскиот идентитет, компромиси базирани на антиевропските резолуции на бугарскиот парламент, затоа што тоа граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволат“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.