Градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, одбива да се ослободат родителите од плаќање на паушали за градинки во време кога тие не работат, обвини советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром.
„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром поднесе предлог за дополнување на предлог на дневниот ред со точка за ослободување на месечните паушали на родителите за градинките на територија на Општина Аеродром со образложение дека истите не работат и нема потреба родителите да се изложуваат на дополнителни финансиски трошоци.
Наместо да се заштити стандардот на граѓаните, Златко Марин сака да печали во услови на корона кризата од родителите кои не користат услуга од градинките во Аеродром.
Ивана Цветковиќ како претседател на Совет спротивно на овластувањата и деловникот за работа одбива да се стави оваа точка на дневен ред со што заедно со Златко Марин директно работат на штета на граѓаните на Аеродром“, велат советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
Истата Ивана Цветковиќ, додаваат тие, заедно со нејзината сестра за време на владеењето на СДСМ и Заев добија вработување во државната МЕПСО. Токму затоа таа е послушник на штетните насоки на градоначалникот Марин.
„Поради ваквото самоволие на градоначалникот Златко Марин, пред се поради непостапувањето на Претседателката на Советот Ивана Цветковиќ советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе претставка до Инспекторатот за локална самоуправа“, се вели во писменото соопштение.