Власта на Заев ја турка Македонија кон економски амбис. За пет месеци имаме скоро 40 илјади нови невработени лица, обвини ВМРО – ДПМНЕ.
Партијата ја обвини власта дека дека со денови молчи за пропаѓањето на Еуростандард банка афера тешка 200 милиони евра, затоа што, како што се наведува во соопштението, струмички фирми блиски до Заев се директно вмешани во новиот ТАТ.
„Кога е направена ревизија на банката и се активирани хипотеките тие компании свесно се однесени во стечај што создава голема криза кај банката. Очигледно дека не само министерката Нина Ангеловска, туку и овие фирми пред време ги извадиле парите од банката или правеле зделки со што го загрозиле работењето на банката. Поради ваквиот однос на луѓе од власта и фирми блиски до неа денес имаме 100 илјади блокирани сметки, дваесетина илјади неисплатени пензии, и стотина нови невработени“, се наведува во соопштението.
Но, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, ова не е единствениот лош показател на економските политики на власта.
„За само три месеци државата е задолжена за нова милијарда евра. За 5 месеци имаме скоро 40 илјади нови невработени лица. Во периодот јануари-јули ние имаме намалување на приходите за 8% во однос на минатата година. Потрошен е буџетскиот дефицит од 520 милиони евра, а патем реализацијата на капитални инвестиции е пак исклучително ниска, што покажува дека парите се трошени на непродуктивни трошоци и изборен поткуп.
Експертите велат дека и покрај ваквото галопирачко задолжување, државата до крајот на годината ќе нема доволно средства за сервисирање на основните обврски. Поскапувањето на струјата за 7,5% и поголемите давачки на горивата имаат за цел да го покријат неспособното и неодговорното работење на власта, но за жал тие ќе предизвикаат инфлаторни движења кои уште повеќе ќе ја влошат состојбата“, пишува во соопштението.
Сето тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, е доказ дека кримитендерашката власт на Заев е посветена на своето лично богатење и максимално организирање на криминалот, додека економијата тоне, а стандардот на народот е во слободен пад.