Зоран Заев и Владата предводена од СДСМ и по шест месеци откако се појави корона вирусот немаат стратегија како да се справат со Ковид-19 и последиците кои произлегоа од оваа криза, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев и СДСМ не обезбедуваат никаква заштита на здравјето на граѓаните, ниту нудат некаква сигурност или излез од ситуацијата. Бројката на заболени е повеќе од 11 илјади или скоро шест пати поголема од прогнозите на министерот за здравство Венко Филипче. Бројот на починати лица надмина 500. И покрај ова надлежните ниту знаат што е ова што се случува сега, ниту пак што следи на есен. тешко се снаоѓаат и со кластерите. Заев и Владата предводена од СДСМ не знаат ниту како да се справат со последиците од корона кризата“, пишува во соопштението.
За помалку од 30 дена, велат од ВМРО-ДПМНЕ, стартува учебната година и се нема план ниту за образованиот процес.
„Децата и родителите не знаат дали ќе стартува учебната година со физичко присуство и доколку е така како ќе се одвива наставата или пак образовниот процес ќе се одвива онлајн.
Заев и Владата предводена од СДСМ знаат само едно – како да се нанесе штета на граѓаните и државата. Заев и Владата на СДСМ го зголеми јавниот долг за повеќе од една милијарда евра за само три месеци. Нема ниту капитални проекти, ниту пак некој ги видел тие пари, а дополнително на тоа Владата продолжува со ново задолжување. Поради лошите политики, ситуацијата оди на полошо бидејќи ниту Владата, ниту СДСМ немаат план и стратегија за справување со кризата. Потребни се јасни и стабилни чекори за да се стабилизира ситуацијата. Потребни се политичари кои ќе знаат како да го справат со тоа, а не политичари кои го лажат и крадат својот народ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.