Скопје, 17 февруари 2020
Почитувани,
Фарсата наречена „Како Заев замислува правна држава“ денес има своја лицемерен продолжеток. Маршот на Заев ќе биде ништо друго освен марш за спас на милионите на Вице, марш за заштита на плантажите со марихуана на Заеви, маршот за заташкување на нерешените убиства, марш за амнестирање на криминалните тендери. Вечер ќе се случи маршот по стапките кај што беше шетана Луј Витон ташната.
Зоран Заев е антипод на правната држава и владеењето на правото во Република Македонија.
Три години замајуваа дека правосудството е отворено како пупка за сега да маршираат за право. Апсурд и класична хипокризија. Трите години на Заев беа години во кои тој си го злоупотреби правниот систем на Македонија за да си обезбеди ослободување за криминалите во кои беше фатен, но истовремено да креира политички случаи на прогон на сите кои што не размислуваа исто како него. Затоа јавноста гледаше како за едни правдата беше мајка, а за други маќеа. Случајот со градоначалникот на Ново Село, Боро Марлборо кој не одлежа ни три месеци затвор за шверц на илјадници штеки цигари и истовремено за престрелка со полицијата или пак насилството на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш кој помина само со опомена за тепање на граѓани се само дел од случаите каде целосно потфрли правдата.
Така е и со новиот закон за јавно обвинителство кој шверцерски и на срамен начин беше донесен на крајот на мандатот на ова Собрание. Со него Заев по кој знае кој пат се обидува да си обезбеди нови амнестии за криминалите и корупцијата во кои што е заглавен до гуша. Ама му порачуваме не можеш Заев да направиш амнестии за себе и своите блиски, колку што имаш криминали кои секојдневно излегуваат за тебе.
Тоа што Заев ќе маршира вечер ќе биде само обична прослава на коалицијата помеѓу него и мафијата во Македонија. Тоа што Заев ќе маршира заедно рамо до рамо со братот Вице, Филипче, Боро Марлборо, Курто Дудуш и десетици други блиски пајташи само ќе потврдат дека правдата со овие луѓе не живее во Република Македонија.
12 април ќе биде границата пред и по Заев. Изборите ќе испратат јасна порака дека народот не го сака Заев, туку сака правна држава. Изборите ќе бидат порака за Заев никогаш повеќе.
Ви благодарам на вниманието
Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.