Собранието во секоја членка на ЕУ секогаш е место за демократска расправа меѓу министрите и пратениците, за најважните национални прашања, велат од ВМРО-ДПМНЕ во однос на работата на Комисијата за надворешна политика, каде бараат да се дискутира за ставот кон соседна Бугарија, во однос на ветото за македонските евроинтеграции.
„За жал во Македонија министрите бегаат од Собранието и пратениците. Затоа и макетата на вицепремиерот Димитров е вистинската слика за владините министри во Собранието, слика има, тон нема“, се порачува во партиското соопштение.
Во него се додава дека пратениците од власта денеска не прифатиле на дневен ред да се стават и да се усвојат следниве заклучоци кои се однесуваат на македонско-бугарскуте односи и ризикот од блокада на евроинтеграциите:
1.Собранието ги осудува позициите содржани во Објаснувачкиот меморандум на Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во контекст на проширувањето и македонските евроинтеграции, како спротивни на Повелбата на Обединетите нации од 1945-та година, во која една од целите е развивање на “пријателски односи меѓу нациите засновани врз принцип на почитување на еднакви права и самоопределба на народите”, право кое неделливо му припаѓа и на македонскиот народ
2. Собранието упатува апел до сите земји членки на ЕУ, до Европската Комисија и до Европскиот парламент да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција.