Не сакаме да навлегуваме во внатрешните односи на СДСМ и прес конференциите на Кузеска, но очигледно е дека нема водач во бродот кој тоне, СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како тоа Кузеска збори за рекет на ВМРО ДПМНЕ, кога ВМРО-ДПМНЕ е опозиција. Тогаш ако тоа е точно, што прави МВР на Спасовски? СДСМ партијата која го воведе Рекетот во политиката. Денес Богданка Кузеска требаше да излезе и да каже каде се 8-те милиони евра кои завршиле според осудените во овој случај во рацете на Вице и Зоран Заев“, се нагласува во писмената реакција од опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на Богданка Кузеска од СДСМ која побара Обвинителството да ги испита наводите за закани и рекет врз бизнисмени од страна на Мицкоски.
Воедно, додаваат од таму, Богданка Кузеска е добро да каже каква е поврзаноста на партијата со агенцијата „НИКОБ“ чии вработени се осомничени за насилен рекет.
„Каква е поврзаноста на бандите од Грчец и наркотрговијата со полицијата на Спасовски? Причината за ваквите прес конференции може да се гледа единствено од нервозата поради слабиот рејтинг што се потврдува со сите релевантни анкети“, е посочено во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.