Скопје, 15 февруари 2020
ВМРО-ДПМНЕ пласира невистини, шири лажни вести и манипулира со јавноста со конструкцијата за изградбата на извесен објект во Горно Нерези. Не постои никаква поврзаност помеѓу министерот Венко Филипче и наводниот објект. Доведувањето во врска на министерот за здравство Венко Филипче и неговото семејство со сопственоста на овој објект е демантирано повеќе пати како невистинита, тенденциозна и произволна конструкција. Пласирање во јавност на веќе демантирана вест е безобразно и неетички. Дезинформацијата за какви било релации на министерот и неговото семејство со објектот во Горно Нерези е демантирана од сите инволвирани страни и ВМРО-ДПМНЕ тенденциозно прави случај кај што не постои основа.
Министерот за здравство Венко Филипче бара јавно извинување од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски заради пласирање невистини и поврзувањето на министерот и неговото семејство со изградбата и сопственоста на овој објект.
Со пласирање на ваквите невистини ВМРО-ДПМНЕ прави обид да го дискредитира името на министерот Филипче, неговото семејство, функцијата министер за здравство и воопшто институцијата Министерство за здравство.
Секоја набавка на медицинска опрема или материјал потребен за јавните здравствени установи низ целата држава се одвива преку јавна и транспарентна тендерска постапка, каде се запазени правните и законските регулативи. Така што, целосно е исклучена можноста за какво било влијание врз тендерската постапка од страна на министерот или кое било друго лице од Министерството за здравство.
Министерство за здравство
________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки