Скопје, 16 февруари 2020 (МИА) – Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ попладнево од Собранието побара од претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпишува Законот за јавно обвинителство кој според нив е донесен нелегално.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на прес-конференција рече дека она што се случило денеска на пленарната седница е погазување на демократијата и спротивно на одредбите на Деловникот за работа.
– Ова е авторитарно владеење на дело. Ова веќе не е демократија. Одлуката на Собранието е неделовничка и противзаконита. Ваков закон, кој не е донесе, не смее да биде потпишан од претседателот Пендаровски и го повикауваме да не дава легитимитет на вакво брутално кршење на зкаоните и процедурите, истакна Мицевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицевски, ќе останат во Собранието и ќе присуствуваат само на седницата на која ќе се одлучува за распуштање на овој парламентарен состав.
– Очекуваме денес да има распуштање на Собранието. Ќе бидеме присутни во Собранието, а не во салата. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во салата кога ќе се гласа за распуштање на Собранието, рече Мицевски, додавајќи дека сето ова што го прави СДСМ е бегство од избори. бак/см/