Утрински Весник
Македонија

Владика Јосиф: Молитвите нека бидат посветени за телесно и духовно здравје на нашите болни браќа и сестри

Владика Јосиф: Молитвите нека бидат посветени за телесно и духовно здравје на нашите болни браќа и сестри

Тетово, 18 април 2020 (МИА) – Велигденска порака до верниците од тетовско-гостиварската епархија упати митрополитот г. Јосиф. Тој порача верниците вечерва во своите домови да се помолат за сите кои во моментот се борат за своето здравје.

– Празнувајќи го овој Велигден молитви нека бидат посветени за телесно и духовно здравје на нашите болни браќа и сестри, како и за сите оние кои и во овие торжествени моменти се грижат за зачувување на општествениот поредок и за здравјето на нашите граѓани. И нив и сите Вас, Воскреснатиот Христос Бог, Победникот над смртта да Ве благослови и обдари со светлината на Неговото тридневно воскресение, влевајќи благодат на воскресенска надеж во Вашите души. Како Ваш постојан молитвеник пред Христа Воскреснатиот, се молам за здравје, мир и радост во Вашите семејства. Почитувајте ја важноста и светоста на семејството и бидете секогаш заедно. Враќајќи се кон исконските вредности, да овозможиме светла иднина, истакна г. Јосиф во обраќањето до верниците.

Во пораката владиката вели да не се потпаѓа под предизивиците кои ги носи денешницата.

– Наоѓајќи се на самиот праг на Христовото воскресение да не дозволиме световната паника и стравот да ни ја намалат воскресенската радост. Имајќи ги на ум зборовите на ангелот: „Не бојте се! Вие го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Тој воскресна!“, во овие вонредни околности повторно од длабочината на нашите срца да Го посведочиме Христовото воскресение, да ја посведочиме пред целиот свет победата на Животот над смртта, победата на вечното над минливото и победата на духовното врз материјалното, постанувајќи сведоци на вечната победа на смислата над бесмислата, вели владиката Јосиф.

Вечерва петнаесет минути пред полноќ г. Јосиф ќе изврши трикратен опход околу Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово по што ќе започне Воскресна литургија.ас/фф/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија