Скопје, 7 мај 2020 (МИА) – Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи со силен интензитет да соработува со сите чинители и да создава амбиент за постојано унапредување на демократијата и слободите во нашата земја, соошти владината прес-служба по повод најновиот извештај на Фридом хаус „Држави во транзиција“, во кој се оценува дека Северна Македонија бележи значителен демократски напредок, особено во критериумите – изборен процес и независни медиуми.
– Владата оддава признание на сите граѓани, организации, заедници, медиуми и институции кои со своите демократски капацитети и дејствија го овозможуваат демократскиот напредок на земјата и охрабрува за уште посилен ангажман во иднина, се вели во соопштението.
Натаму се наведува дека во извештајот земјава е оценета како држава која забележала напредок во оценката за демократија во однос на минатата година, дека се нотира подобрување во изборниот процес поради добро организираните претседателски избори и подобрување во независноста на медиумите како резултат на пообјективното и поверодостојно известување.
– Во извештајот како позитивен пример за решавање на навидум несовладлив проблем е наведено решавањето на спорот помеѓу Грција и Северна Македонија (со медијација предводена од САД), кое на земјата ѝ го овозможи членството во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ, стои во соопштението на владината прес-служба.
Извештајот нотира дека напредокот на Северна Македонија е значаен и во однос на состојбите во поширокиот регион. нд/сп/