Утрински Весник
Македонија

Владата ќе го потврди зеленото сценарио со усвојување на два документи на Министерството за животна средина

На островот Вис пуштена во работа најголемата соларна електрана во Хрватска

Усвојувањето на два важни документи, ревидираниот Национален утврден придонес кон Договорот од Париз (INDC) и Третиот двогодишен национален извештај на Министерството за животна средина, кои се веќе во владина процедура, за првпат и официјално го потврдуваат изборот на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика до 2040. Во моментов, двата документи ја поминале првата од двете фази во процесот на усвојување, пред конечното одобрување од Владата. Тоа се првите документи кои ќе ги усвои Владата кои јасно се темелат и се изработени врз база на најамбициозното од трите сценарија, што ги предвиде Стратегијата за енергетика и ќе значат потврда за правецот на идниот развој на земјата.

Изборот на најпосакуваното, зелено сценарио за развој на земјата, според информациите од Министерството за животна средина, се потврдува и во Стратегијата за климатска акција, која треба да биде донесена до крајот на годинава и која ќе ги даде проекциите до 2050 година, како и со Интегрираниот план за енергија и клима кој Министерството за економија треба да го предложи до март годинава. Тоа е пакетот на усогласени документи каде што се надополнуваат бројките и целите базирани на зеленото сценарио, со цел да се зголеми амбицијата на земјата во борбата со климатските промени и придонесот кон намалувањето на емисиите на стакленичките гасови.

„Во ревидираниот Национален утврден придонес (INDC) и Третиот двогодишен национален извештај (3 BUR), кои се влезени во владина процедура, за основа се зема зеленото сценарио од Енергетската стратегија. Исто така и долгорочната Стратегија за клима, која е во фаза на изработка, и Интегрираниот план за енергија и клима на Министерството за економија се базирани на ова сценарио. Сумарно, со усвојувањето првите два документа и официјално идниот развој на Северна Македонија ќе се темели на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика“, велат во Министерството за животна средина.

Документите веќе ја поминале првата фаза на одобрување во Владата, на Генералниот колегиум, по што ќе се разгледуваат во комисии, а со новите обврски кои ќе произлезат од нив ќе бидат запознаени и неколку ресорни министерства, пред конечното усвојување на владина седница. Ревидираните документи, информираат од Министерството, освен придонесот кон намалување на емисиите што може да биде направен во енергетскиот сектор, ги прошируваат анализите и на секторите индустрија, отпад, земјоделство и шумарство, кои се основа и за изработка на долгорочната Стратегија за климатска акција. Засилениот национален продонес, темелен на зеленото сценарио, збогатено и проширено со мерките од другите опфатени сектори, ќе треба да обезбеди 51 отсто намалување на емисиите на стакленичките гасови во 2030 година, споредено со нивото од 1990, или изразено во нето намалување на емисиите за 82 отсто во споредба со 1990 година. Главното намалување од 66 отсто се очекува од енергетскиот сектор, преку деактивирање на електраните со јаглен Осломеј и Битола до 2027 година.

Изборот на едно од сценаријата се пролонгираше како последица на пандемијата на Ковид 19 и одложувањето на повеќе активности врзани за реализација на Стратегијата. Владата меѓу трите сценарија требаше да одлучи до јули минатата година, во рок од шест месеци од донесувањето на Стратегијата, во февруари лани. Во тој рок требаше да биде донесена и Програма за реализација во период од пет години, за која заменик-претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во септември најави дека ќе биде завршена во првите три месеци од годинава.

Стратегијата за енергетика до 2040 предвидува напуштање на јагленот како енергенс и транзиција и сериозни инвестиции во обновливи извори на енергија. Со планирањето и реализацијата на нискојаглероден развој, преку зеленото сценарио, земјава ќе го обезбеди својот значителен придонес кон ублажувањето на климатските промени и ќе се стреми кон исполнување на целите за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Колку реални се попустите за „Black Friday“: Маркетинг стратегија или вистински заштеди?

Чибишев: Воздух во Скопје станува алармантен, Здравјето нема цена !

Средба на лидерот на СДСМ, Филипче со Претседателката Сиљановска-Давкова