3 март 2020
Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 13-та седница ги разгледа извештајот на Управувачкиот комитет за координација и справување во системот за управување со кризи за состојбата со мигрантската криза во Република Северна Македонија.
Владата донесе повеќе заклучоци кои тргнуваат од фактот дека Северна Македонија веќе има воспоставен систем за управување со мигрантската криза кој е подготвен и функционален за да одговори на предизвиците како транзитна земја, и дека дел од тој систем е постојаната комуникација со партнерите на нашата земја во НАТО и ЕУ, како и со сите земји во регионот.
Во таа насока е и заклучокот на Владата да се побара од земјите со кои Северна Македонија непосредно соработува со нивните полициски припадници на нашата јужна граница, да се зголеми бројот на полициски службеници, кои со зголемениот број на припадници од Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе ги споделат оперативните ангажмани во случај на раст на бројот на мигранти.
Владата заклучи да побара и да ја прифати веќе понудената техничка помош од Интернационалната организација за миграции (ИОМ), од УНДП, УНХЦР, како и од Европската Комисија и другите интервентни фондови како за Министерството за внатрешни работи така и за Министерството за одбрана, вклучително и обезбедувањето на резерви со храна, вода и друг потрошен материјал.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информација за потребата за набавка на две термални камери, опрема за ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, и лична заштитна опрема за Министерството за здравство и останатите институции вклучени во активностите во врска со Корона Вирусот COVID-19, и го задолжи Министерството за здравство да ја спроведе набавката.
На денешната седница на предлог на Министерот за здравство Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за образование и наука да изготви план за дистрибуција на алкохолен дезинфициенс со широк спектар на микробиоцидно дејство до основните и средните училишта.
Владата денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата за здравствените проблеми кои можат да бидат предизвикани од комарците како пренесувачи на заразни болести и го прифати акцискиот план за нивно контролирање.
Владата им препорачува на единиците на локалната самоуправа континуирано и целосно да ги спроведуваат мерките од акцискиот план кои предвидуваат ларвицидна дезинсекција во 6 наврати, терестичката дезинсекција (на возрасни комарци) која треба да се изврши во 5 (пет) наврати, како и мерката за постојани информирање и едукација на населението во единиците на локалната самоуправа.
На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање за потребата од мониторинг на водите во земјата и го задолжи ова и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со Управата за хидрометеоролошки работи, со АД Водостопанство, како и со сите останати надлежни институции, да формираат работна група за утврдување на реалната состојба со водите.
Денеска Владата го разгледа извештајот за спроведена проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам на Управата за финансиско разузнавање, и утврди дека извештајот претставува основа за подготвување на Национална стратегија за превенција од перење пари и финансирање на тероризам заради намалување и управување со идентификуваните ризици и последици од перењето пари и финансирањето на тероризмот кој Управата го имплементира во соработка со Советот на Европа.
Влада на Република Северна Македонија
Сектор за односи со јавноста
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.