Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Владата на денешната седница донесе заклучок и препорача откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и забавни и културно-уметнички манифестации до 6 март 2020 година, со цел превенција на ширење на коронавирусот.
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја разгледа Информација во врска со следни чекори и одлуки кои се однесуваат на превенција на ширење на коронавирусот и констатираа дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, како и постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје ги постигнаа очекуваните резултати, дека ситуацијата со превенцијата и контролата за да се спречи непосакуваното ширење на корона вирусот, се остваруваат целосно.
Владата на Северна Македонија на денешната седница препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести.
Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да продолжи да ги известува Владата, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, и Кризниот штаб, за епидемиoлошката состојба со корона вирусот, за да се планираат идните чекори во превенцијата и справувањето со ситуацијата.
На оваа своја седница Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб.
Како еден од заклучоците на оваа седница е и одлуката да се воспостави соработка со „Црвен Крст“ на Република Северна Македонија и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција.
На денешната седница Владата ја разгледа информацијата за последиците од невремето со силниот ветер на 26 февруари и донесе заклучок да ги повика Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да покренат постапки за одговорноста за рушењето на фасадите и другите делови од јавните објекти, врз основа на увидот на стручните служби што го направија на оштетувањата на зградите на МЕПСО, на Владата на Северна Македонија, како и на другите објекти, се наведува во соопштението. дма/са/