Скопје, 13 март 2020 (МИА) – Поради спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, Владата го усвои предлогот на Уравувачкиот комитет за координација и управување во системот за Управување со кризи, претседателот Стево Пендаровски да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справување со кризната состојба.
Како што соопшти владината прес-служба, Пендаровски треба да одлучи за вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици.
Една од одлуките на денешната владина 18-та седница е Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да почне со подготовка на акциски план за превенција и справување со настанатата ситуација на подрачјата на општините, со целосен преглед на расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план на координирано дејствување во кризните подрачја.
Владата ги задолжи министерствата за здравство, за внатрешни работи, за транспорт и врски, за надворешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување со сите останати засегнати државни институции да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција на справување со настанатата состојба, како и да номинираат членови на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи.
Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД се задолжени да извршат координирани вонредни инспекциски надзори на сите економски оператори кои продаваат средства за заштита од Коронавирусот, согласно мерките, препораки и насоките на Владата.
Министерството за внатрешни работи треба да определи едно лице кое ќе биде задолжено во случај на потреба од интервенција при вршење на овие вонредни инспекциски надзори од страна на инспекторатите. мд/бк/