Утрински Весник
Македонија

Владата не ги усвои новите мерки против коронавирусот, прво треба да се смени законот

Владата не ги усвои новите мерки против коронавирусот, прво треба да се смени законот

Владата на денешната 11. седница ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за новите заштитни мерки против ширењето на коронавирусот, но не ги усвои, откако било заклучено дека за тие да се усвојат, најпрво треба да се смени законската регулатива.

Станува збор за повеќе рестриктивни и заштитни мерки кои минатата недела ги најави министерот за здравство Венко Филипче, по скокот на бројот на нови случаи на Ковид-19 во земјава. Меѓу нив е задолжителното носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, за забраната за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе; како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

„Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести,“ се вели во владиното соопштение.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Николоски: Од јануари нов пакет од 250 милиони евра владина подршка, општините да подготвуваат нови проекти

Архитектонскиот факултет при УКИМ ќе одбележи 75 години

Ден на Академијата и доделување на признанието „Блаже Конески“ во МАНУ