Утрински Весник
Македонија

Владата на САД обезбеди 16 милиони долари за анти-корупција, иницијативи за млади и економска конкурентност

Владата на САД обезбеди 16 милиони долари за анти-корупција, иницијативи за млади и економска конкурентност

Претставникот на Канцеларијата на УСАИД Ерик Јановски и министерката за финансии Нина Ангеловска го потпишаа договорот, со кој владата на Соединетите Американски Држави (САД) обезбеди 16 милиони американски долари наменети за намалување на корупцијата, подобро интегрирање на младите во општеството и зголемување на економската конкурентност во земјава, се наведува во соопштението на УСАИД.

Со договорот ќе се поддржат активности на централната и локалната власт за искористување и успешно управување со финансиските ресурси и спроведување на механизми за отчетност, а ќе се поддржи и работата на Државната изборна комисија за спроведување на слободни и фер избори и за следење на финансирањето и трошењето на политичките партии за време на изборите.

Со обезбедените средства ќе се поддржат граѓанските организации за да се вклучат конструктивно во јавните политики и практики за поголема отчетност и владеење на правото. Министерството за образование и наука ќе биде поддржано во промовирањето на меѓуетничката кохезија и граѓанската култура кај децата и младите.

Со проектот ќе се помогне оформувањето на законската рамка за производство на обновлива енергија, за да помогне да се зголемат инвестициите во домашно производство на електрична енергија и да се намали зависноста од увоз на енергија и да се овозможи одржлив енергетски систем.

– Нашата заедничка цел е просперитетна, инклузивна и самоодржлива Северна Македонија – рече амбасадорката на САД, Кејт Мари Бирнз.

Министерката за финансии Нина Ангеловска посочи дека потпишаниот договор е доказ за партнерството меѓу Северна Македонија и САД.

– Го цениме проширувањето на партнерството со Соединетите Американски Држави и залагањето за постигнување заеднички цели – изјави министерката Ангеловска.

САД имаат инвестирано повеќе од 1,2 милијарди американски долари во Северна Македонија од 1993 година до сега, вклучително и над 830 милиони американски долари преку УСАИД.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер