Имајќи предвид дека радикализацијата преку интернет e феномен кој е во постојан развој, како на меѓународно ниво така и во нашата земја, Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, веднаш ја препозна потребата и ја поддржа идејата за подготовка на ваков вид на документ, предвиден во рамките на ИПА проектот „Зајакнување на капацитетите за превенција/спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот”, финансиран од Европската Унија, информираат владините прес служби.
Додаваат дека денеска претставници на Владата, надлежни институции и јавниот сектор потпишаа Меморандум за соработка во борбата против радикализација преку интернет.
Меморандумот го потпишаа Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостолоски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, како и претставници на агенциите за национална безбедност, за разузнавање, за млади и спорт, на Македонската академска истражувачка мрежа, Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување и компаниите „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“.
Меморандумот предвидува соработка на потписниците во делот на преземање на сите потребни мерки за ефикасна борба против феноменот на онлајн радикализација и поттикнување на пријавување на јавни содржини со радикални елементи до надлежните органи.
На настанот на кој се обратија повеќе говорници, владини претставници и претставници на ЕУ делегацијата беше изразена подготвеност, за преземање мерки и активности преку превенирање, заштита, гонење и одговор на заканите од тероризам и терористичките активности.
Говорниците истакнаа дека Меморандумот овозможува дополнителни можности за ефикасно и брзо детектирање, таргетирање и дејствување примарно во насока на превенцијата и во насока на конкретно спроведување на законот, за сузбивање на радикализмот којшто форсира девијантно односно незаконско дејствување.
Надлежните посочуваат дека профилот на потписниците покажува дека е постигнато одредено ниво на јавна свест и дека против овој феномен можеме да бележиме успеси, само доколку има заедничка соработка помеѓу државните институции и јавниот сектор.
Меморандумот за соработка во борбата против радикализација преку интернет како документ остава простор за понатамошно вклучување и на други чинители во борбата против радикализација на интернет просторот во нашето општество.